ВО БЕЛГРАД ДОДЕЛЕНИ НАГРАДИТЕ БИЗНИС ПАРТНЕР 2017

Image ВО БЕЛГРАД ДОДЕЛЕНИ НАГРАДИТЕ БИЗНИС ПАРТНЕР 2017

  

Благој Механџиски 

бизнис личност во Југоисточна Европа

Основачот на групацијата и веледрогеријата Зегин,    Благој Механџиски е бизнис личност на 2017 година во Југостисточна Европа. Престижното признание во рамките на манифестацијата „Бизнис партнер" која има традиција веќе 23 години, лидерот на Зегин го прими на 7 јуни во Белград во присуство на бројни лауреати, успешни бизнисмени, претставници на Владата на Србија и членови на дипломатскиот кор. 
 
Според организаторите на настанот, оваа награда се доделува според нивните строги 10 критериуми, како што се професионализмот на фирмата, нејзината долгогодишна соработка со други компании во регионот, ефикасност и вештина во донесување стратешки одлуки,  добрите производи, одлични услуги и грижа за пациентите.
 
Во образложението на комисијата е наведено дека долгогодишната успешна работа и способноста да го препознае моментот на актуелните промени на пазарот е исклучителен пример на македонски и регионален бизнис успех во креирање на силен и динамичен систем.
Активната свест за општествената одговорност како и ангажманот во корист на широка социјална добробит имплементерани во деловната и животната филозофија биле основни елементи при одлуката токму Механџиски да ја добие оваа специјална награда.
 
Компанијата Зегин  ова исклучително вредно признание го доби во конкуренција на 44 лауреати од поширокиот регион. 
Основачот на Зегин, Благој Механџиски на врачување на признанието, пред се, им се заблагодари на организаторите за наградата, нагласувајќи дека оваа плакета освен што многу му значи нему, претставува потврда за успешноста и на сите 3.000 вработени во Зегин.
 
- Ова ми е најдрага награда и посебно ја ценам. Во овој бизнис, кој го почнав буквално од нула, сум повеќе од 50 години. На сите почетници во бизнисот им посакувам успех, бидејќи ова признание е доказ дека кога се сака, се може да се постигне. Зегин има 270 аптеки и продавници во регионот. Имаме винарија која е најстара во Македонија, имаме познат бренд на беровското сирење, поликлиники и дијагностички центри. Ние сме фирма која е создавана секој ден во изминатите години. Во Србија донесовме некои новитети, а во 14 земји имаме свои претставништва. Многу им благодарам на српските власти и граѓаните кои срдечно не примија. Зегин е првата приватна веледрогерија во поранешна СФРЈ, според чии закони беше забрането да се формира фирма за трговија со лекови и оружје - нагласи Механџиски.
 
 
Наградата „Бизнис партнер” се доделува веќе 23 години. Таа има за цел да ги афирмира компаниите и организациите од регионот, кои во својата работа се водат според висококвалитетни и светски стандарди, како и од цврсти етички норми.
Наградата има регионален карактер и е наменетa за сите компании од земјите во поширокиот регион - Словенија, Унгарија, Романија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Македонија, Бугарија, Грција, Кипар и Турција.