ALKALOID Блокмакс форте, суспензија за деца, 6+ месеци, 100 мл
Опис на производот
Alkaloid Blokmax Forte for Kids БлокМАКС форте, за деца.
БлокМАКС форте за деца содржи активна супстанција ибупрофен, која спаѓа во групата нестероидни антиинфламаторни лекови (НСАИЛ). Овие лекови делуваат така што ја намалуваат болката и покачената телесна температура.
Лекот БлокМАКС форте за деца е наменет за краткотрајна симптоматска терапија на:
- Покачена телесна температура
- Лесна до умерена болка.
Пакување: 100 мл суспензија.
Содржина
Состав: Активна супстанција е ибупрофен. 5 мл перорална суспензија содржи 200 мг ибупрофен.
Овој лек содржи 10 мг натриум бензоат (E 211) на секои 5 мл суспензија.
Овој лек соржи помалку од 1 ммол натриум (23 мг) на дoза, од 5 мл, т.е. би можело да се каже дека е “без натриум”.
Помошни супстанции: глицерол; ксантан гума; микрокристална целулоза и кармелоза натриум; кармелоза натриум; полисорбат 80; динатриум едетат; сукралоза; лимонска киселина, монохидрат; натриум цитрат, дихидрат; натриум бензоат; арома на грозје (пропилен гликол; состојки за арома), средство за подобрување на вкусот и на мирисот (вода; пропилен гликол; состојки за арома: глициризин; малтол; 2,5-диметилхидрофуранолон; ацетоин; јаворов екстракт; екстракт од грав), емулзија симетикон – 30 %; натриум хлорид и прочистена вода.
Употреба: Лекот треба да се употребува во најниската ефективна доза и во најкраток временски период, потребни за ублажување на симптомите.
Ако пациентот има инфекција, без одложување советувајте се со доктор ако симптомите (како што се покачена телесна температура и болка) продолжуваат или се влошуваат.
1. Препорачано дозирање за болка и за покачена телесна температура:
- Деца на возраст од 6-11 месеци, со телесна тежина од 7-9 кг: доза од 1.25 мл (еквивалентно на 50 мг ибупрофен, едно мерење со шприцот), 3-4 пати во текот на 24 часа
- Деца на возраст од 1 до 3 години, со телесна тежина од 10-15 кг: доза од 2.5 мл (еквивалентно на 100 мг ибупрофен, едно мерење со шприцот), 3 пати во текот на 24 часа
- Деца на возраст од 4 до 5 години, со телесна тежина од 16-19 кг: доза од 3.75 мл (еквивалентно на 150 мг ибупрофен, едно мерење со шприцот), 3 пати во текот на 24 часа
- Деца на возраст од 6 до 9 години, со телесна тежина од 20-29 кг: доза од 5 мл ((еквивалентно на 200 мг ибупрофен, едно мерење со шприцот), 3 пати во текот на 24 часа
- Деца на возраст од 10 до 12 години, со телесна тежина од 30-40 кг: доза од 7.5 мл (еквивалентно на 300 мг ибупрофен, две мерења со шприцот: 1 x 2.5 мл и 1 x 5 мл), 3 пати во текот на 24 часа
Дозите треба да се даваат на секои 6 до 8 часа. Да не се надминува наведеното дозирање. Не се препорачува употреба на лекот кај деца на возраст под 6 месеци или кај деца со телесна тежина под 7 кг..
Лекот е наменет за перорална употреба.
Се препорачува пациентите со осетлив желудник да го земаат лекот БлокМАКС форте за деца со оброк.
Мерки на претпазливост: Пред употреба на лекот внимателно прочитајте го упатството бидејќи содржи важни информации за Вас. Секогаш употребувајте го овој лек точно онака како што е опишано во ова упатство или како што Ви кажал Вашиот доктор или фармацевт. Ако забележите некоја несакана појава, известете го Вашиот доктор или фармацевт. Тоа се однесува и на несакани појави кои не се наведени упатството. Ако симптомите на Вашето дете се влошат или ако во текот на 24 часа (за деца на возраст од 3 до 6 месеци) или во текот на 3 дена (за деца на возраст од 6 месеци и постари) не се подобрат, тогаш мора да го известите Вашиот доктор.
Овој лек е намемнет само за краткотрајна употреба. Ако лекот треба да се зема подолго од 3 дена или ако симптомите се влошат, треба да се побара совет од доктор.
Не давајте двојна доза за да ја надоместите пропуштената доза. Ако сте заборавиле да дадете доза, дајте ја веднаш штом ќе се сетите и потоа продолжете според интервалот на дозирање како што е наведено погоре. Ако сте дале поголема доза од лекот БлокМАКС форте за деца отколку што треба или ако случајно лекот го земале деца самостојно, задолжително консултирајте се со доктор или појдете во најблиската болница за да се процени ризикот и за да добиете совет за терапија.
Да не се надминува препорачаната доза и времетраењето на терапијата.
Немојте да давате БлокМакс за деца ако Вашето дете е алергично на ибупрофен или на други слични лекови против болки (НСАИЛ) или на некои други состојки на овој лек; некогаш имало алергиска реакција со отежнато дишење, астма, течење на носот, отекување на лицето и/или рацете или исип по употреба на ацетилсалицилна киселина или на други нестероидни антиинфламаторни лекови (НСАИЛ); имало историја на крвавење од гастроинтестиналениотиот систем или перфорација, поврзани со претходна употреба на НСАИЛ; има улцерации (чиреви) на желудникот или на дванаесетпалечното црево (пептичен улкус) или крвавење или често страдале од некоја од овие состојби во минатото (две или повеќе епизоди на докажана улцерација или на крвавење); има тешко оштетување на црниот дроб и бубрезите; има тешка срцева слабост (конгестивна срцева слабост); има крвавење во мозокот (цереброваскуларно крвавење) или друго активно крвавење; има нарушување на засирувањето (коагулацијата) на крвта, бидејќи ибупрофенот може да го зголеми времето на крвавење; има неразјаснето нарушување во создавањето на крвта; има тешка дехидратација (предизвикана од повраќање, дијареја или од недоволно внесување течности).
Разговарајте со доктор или со фармацевт пред употреба на лекот БлокМАКС форте за деца: ако детето има инфекција; ако Вашето дете има одредени конгенитални нарушувања на крвта (на пр. акутна интерминентна порфирија); ако Вашето дете има нарушување на коагулацијата (засирувањето на крвта); ако Вашето дете има одредени заболувања на кожата (системски лупус еритематозус – СЛЕ, или мешана болест на сврзното ткиво); ако Вашето дете има или ако некогаш имало заболување на цревата (улцеративен колитис или Кронова болест), бидејќи овие состојби може да се влошат; ако има или ако некогаш имало висок крвен притисок и/или срцева слабост; ако Вашето дете има ослабена функција на бубрезите; ако Вашето дете има некое нарушување на црниот дроб; при подолготрајна употреба на ибупрофен потребна е редовна контрола на хепаталните ензими и на бубрезите и контрола на крвната слика; потребна е претпазливост ако се земаат други лекови што може да го зголемат ризикот од улцерации или од крвавење, како што се оралните кортикостероиди (на пр. преднизолон), лекови за разредување на крвта (на пр. варфарин), селективни инхибитори на повторното преземање на серотонинот (лек за депресија) или лекови коишто ја спречуваат агрегацијата на тромбоцитите (крвните плочки), на пр. ацетилсалицилна киселина; ако Вашето дете зема друг НСАИЛ (вклучувајќи ги и инхибиторите на циклооксигеназа-2 [COX-2], како што се целекоксиб или еторикоксиб), бидејќи треба да се избегнува истовремена употреба со ибупрофенот; ако Вашето дете има или ако имало астма или алергиски болести, бидејќи може да дојде до тешкотии при дишењето/недостиг на здив; ако Вашето дете има поленска грозница, полипи во носот или хронична опструктивна белодробна болест, бидејќи постои зголемен ризик од алергиски реакции. Алергиските реакции може да се изразат во вид на астматични напади (т.н. аналгетска астма), Квинкеов едем или во вид на уртикарија; во текот на инфекција со варичела се препорачува да се избегнува употребата на ибупрофен; по штотуку завршен голем хируршки/оперативен зафат бидејќи е потребен медицински надзор; ако Вашето дете е дехидрирано. Кај дехидрирани деца постои зголемен ризик да се појават проблеми со бубрезите.
Несаканите ефекти може да се намалат ако лекот се употребува во најмалата ефективна доза и во најкратко времетраење на терапијата. Генерално, редовната – како од навика, употреба на (неколку типови) аналгетици може да доведе до трајно тешко оштетување на бубрезите. Овој ризик може да се зголеми при физички напор поврзан со губење сол и со дехидратација. Затоа треба да се избегнува таквата употреба на аналгетици; долготрајната употреба на некои од лековите против болка за терапија на главоболка може да ја влоши главоболката. Ако дојде до тоа или ако постои сомневање за таква состојба, потребно е да се прекине земањето на овој лек и да се побара помош од доктор. Дијагнозата „главоболка предизвикана од прекумерно земање лекови“ (од англ. Medication Overuse Headache [MOH]) треба да се земе предвид кај пациентите кои имаат чести или секојдневни главоболки и покрај (или поради) редовната употреба на лекови за главоболка.
Крвавење од гастроинтестиналениот систем, улцерација (чир) или перфорација, коишто може да бидат фатални, биле пријавени со сите НСАИЛ во текот на лекувањето, со или без предупредувачки симптоми или претходни сериозни проблеми со гастроинтестиналниот систем. Ако се појави крвавење или улцерација од гастроинтестиналениот систем, терапијата треба да се прекине веднаш.
Ризикот од крвавење, од улцерација или од перфорација во гастринтестиналениот систем е поголем со зголемување на дозата на НСАИЛ, кај пациенти кои имале чир, особено со компликации како што се крвавење или перфорација и кај постарите пациенти. Тие групи пациенти треба да започнат со лекување со најмалата можна доза.
За тие пациенти, како и за оние кои имаат потреба од истовремена терапија со мала доза ацетилсалицилна киселина или со други лекови коишто може да го зголемат ризикот од крвавење од гастринтестиналениот систем, треба да се земе предвид комбинирана терапија со заштитни лекови (на пример, мисопростол или инхибитори на протонската пумпа).
Лекот БлокМАКС форте за деца може да ги прикрие знаците на инфекција како што се покачена телесна температура и болка. Затоа, можно е земањето на лекот БлокМАКС форте за деца да доведе до одложено/задоцнето започнување со соодветна терапија за инфекцијата, што може да го зголеми ризикот од компликации. Ова е забележано кај бактериските пневмонии (воспаленија на белите дробови) и бактериските инфекции на кожата поврзани со варичела. Ако овој лек се зема во тек на инфекција, а симптомите на инфекција продолжуваат или се влошуваат, без одложување советувајте се со доктор.
Антиинфламаторните лекови/лековите против болка, како што е ибупрофенот, може да бидат придружени со зголемен ризик од срцев удар или од мозочен удар, особено кога се користат во поголеми дози. Не ја надминувајте препорачаната доза и времетраењето на терапијата.
Обратете се кај доктор или кај фармацевт пред употреба на лекот БлокМАКС форте за деца ако пациентот: има проблеми со срцето, вклучувајќи срцева слабост, ангина (болка во градите), или ако имал срцев удар, ако има вграден бајпас, периферна артериска болест (слаба циркулација во нозете или во стапалата поради стеснување на артериите или поради блокирани артерии) или некаков вид мозочен удар (вклучувајќи „мини мозочен удар“ или транзиторен исхемичен напад – TIA); има висок крвен притисок, дијабетес (шеќерна болест), висок холестерол, семејна историја на срцеви заболувања или на мозочен удар, или ако е пушач. Разговарајте со доктор пред да му го дадете на Вашето дете лекот БлокМАКС форте за деца ако некоја од горенаведените состојби се однесува на него.
При употреба на НСАИЛ многу ретко се регистрирани сериозни кожни реакции. Терапијата со ибупрофен треба да се прекине при првата појава на исип на кожата, оштетување на слузниците или при кој било друг знак на преосетливост.
Известете го Вашиот доктор или фармацевт ако Вашето дете прима, неодамна примало или би можело да прима некој друг лек. Лекот БлокМАКС форте за деца може да влијае на некои лекови, но и другите лекови може да влијаат на лекот БлокМАКС форте за деца, како на пример: антикоагулантни лекови (лекови што ја разредуваат крвта/што го спречуваат згрутчувањето на крвта, на пр. аспирин/ацетилсалицилна киселина, варфарин, тиклопидин); лекови што го намалуваат високиот крвен притисок (AКE-инхибитори, како што е каптоприл; бета-блокатори, како што е атенолол; антагонисти на рецепторите на ангиотензин II, како што е лосартан). Некои други лекови, исто така, може да влијаат на БлокМАКС форте за деца и БлокМАКС форте за деца може да влијае на другите лекови. Ве молиме известете го докторот или фармацевтот ако Вашето дете зема, ако неодамна земало или ако треба да зема други лекови, вклучувајќи ги оние што се земаат без рецепт. Особено е важно ако станува збор за следните лекови: други НСАИЛ, вклучувајќи и селективни инхибитори на циклооксигеназа-2, дигоксин (за срцева слабост), гликокортикоиди (лекови што содржат кортизон или супстанции слични на кортизон), лекови што спречуваат агрегација на тромбоцитите (крвните плочки), ацетилсалицилна киселина (во мали дози), лекови што ја разредуваат крвта (на пр. варфарин), фенитоин (лек за епилепсија), селективни инхибитори на повторното преземање на серотонинот (SSRI), лекови за депресија, литиум (лек за манично-депресивна болест и за депресија), пробенецид и сулфинпиразон (лекови за гихт), лекови за покачен крвен притисок и диуретици (лекови што поттикнуваат мокрење), диуретици што го штедат калиумот, на пр. амилорид, калиум канреонат, спиронолактон, тријамтерен, метотрексат (за лекување карциноми или ревматски болести), такролимус и циклоспорин (имуносупресивни лекови), зидовудин (за терапија на ХИВ/СИДА), производи на сулфонилуреја (за терапија на дијабетес), кинолонски антибиотици, вориконазол и флуконазол (CYP2C9 инхибитори) за габични инфекции, баклофен, ритонавир, аминогликозиди.
Ако сте бремена, мислите дека сте бремена, планирате да забремените или ако доите, советувајте се со Вашиот доктор или со фармацевтот пред да го земете овој лек. Не го земајте овој лек ако сте во последните 3 месеци од бременоста. Избегнувајте да го земате овој лек во првите 6 месеци од бременоста, освен ако докторот Ве советува поинаку. Ако лекот го земате повеќе од неколку дена од 20 гестациска недела натаму, тој може да предизвика бубрежни проблеми кај Вашето неродено бебе. Ако е потребно лекот да го употребувате повеќе од неколку дена, Вашиот лекар може да Ви препорача дополнително следење. Само мало количество ибупрофен, заедно со неговите разградни продукти, преминува во мајчиното млеко. Лекот БлокМАКС форте за деца може да се употребува во периодот на доењето, но само во препорачаната доза и во најкратко времетраење.
Лекот БлокМАКС форте за деца спаѓа во групата лекови наречени нестероидни антиинфламаторни лекови (НСАИЛ) коишто можат да ја нарушат плодноста кај жените. Овој ефект е реверзибилен со прекинување на терапијата со лекот
По првото отворање лекот е стабилен 6 месеци. Лекот не бара посебни услови за чување. Лекот да се чува надвор од дофат на деца! Не употребувајте БлокМакс за деца по датумот на истекот на рокот на употреба, наведен на пакувањето. Датумот на истекот на рокот на употреба се однесува на последниот ден од тој месец.