Колку се забавува метаболизмот со возраста?
Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Зегин Интер Медика
Метаболизмот е процес на претворање на храната во енергија која телото ја користи. Забавениот метаболизам и зголемувањето на тежината со годините може да бидат фрустрирачки и да водат до здраствени проблеми.
Консултација со доктор може да открие дали причина за забавување на метаболизмот е некоја медицинска состојба како намалена функција на тироидната жлезда (хипотироидизам), Кушингов синдром, синдром на полицистични овариуми.
Но исто така забавениот метаболизам со годините и зголемувањето на тежината може да доведат до здраствени проблеми
Кога се забавува метаболизмот?
По 30-тата година губењето на тежината не е толку лесно како порано, особено ако не сме физички активни.
На 40 години телото почнува природно да губи мускулна маса, процес наречен саркопенија. Дури и со физичка активност, сепак телото ќе изгуби одредена мускулна маса. Масното ткиво кое почнува да се таложи исто така го забавува метаболизмот.
Хормоните и генетиката влијаат на брзината на забавување на метаболизмот. Секоја личност има различна мешавина од хормони и гени и тешко може да се предвиди стапката на забавување на метаболизмот. Гените одредуваат колку мускули имаме, нивната големина и способност за растење. Ова влијае на метаболизмот, помала мускулна маса значи побавен метаболизам.
Со возраста метаболизмот се забавува поради:
- Губитокот на мускулната маса што се јавува со стареењето влијае на намалување на стапката на согорување на калории.
- Помалата физичка активност со возраста придонесува за забавување на метаболизмот и зголемување на телесната тежина. Ако не се вежба се губи 3-5% мускулна маса секоја декада.
- Полот исто така влијае на метаболизмот. Мажите имаат побрз метаболизам бидејќи имаат поголема мускулна маса, потешки коски и помалку масно ткиво.
Промените во животниот стил и здравите навики кои се добри за метаболизмот може да помогнат.
- Вежби за сила – градење мускулна маса со дигање тежини помага да се согорат повеќе калории кога сме во мирување. Повеќе мускулна маса води до побрз метаболизам.
- Аеробични вежби – помагаат за согорување на калории. Пешачење, трчање, пливање, планинарење.
- Балансирана исхрана
- Внес на доста течности, вода, зелен чај.