KRKA Септаназал спреј за нос, за деца, 10 мл
Опис на производот
Krka Septanazal For Children Спреј за нос, за деца.
- Содржи ксилометазолин хидрохлорид и декспантенол
- Ксилометазолин хидрохлорид брзо ги стеснува крвните садови во носната слузница и го намалува отокот на носната слузница и лачењето на секрет. На тој начин, се намалува чувството на затнат нос
- Декспантенол е дериват на витаминот пантотенска киселина кој овозможува заздравување и ја штити носната слузница
- Овој лек е наменет за деца на возраст од 2 до 6 години
Септаназал за деца се употребува:
- За намалување на отокот на носната слузница при воспаление на носната слузница (ринитис) и за заздравување на повредите (лезиите) на слузницата
- За олеснување при неалергиско воспаление на носната слузница (вазомоторен ринитис)
- За лекување на отежнато дишење низ носот по операција на носот
Пакување: 10 мл.
Содржина
Состав: Активни состојки: ксилометазолин хидрохлорид и декспантенол.
Секој мл од растворот од спрејот за нос содржи 0,5 мг ксилометазолин хидрохлорид и 50 мг декспантенол. Во едно прскање се содржи 0,1 мл од растворот од спрејот за нос кој содржи 0,05 мг ксилометазолин хидрохлорид и 5,0 мг декспантенол.
Помошни супстанции: калиум дихидроген фосфат, динатриум фосфат додекахидрат и пречистена вода.
Употреба: Препорачана доза за деца на возраст од 2 до 6 години е едно прскање во секоја носница до 3 пати дневно, по потреба. Дозата зависи од индивидуалната осетливост и клиничката ефикасност. Не се препорачува употреба на овој лек повеќе од 7 дена. Повторна употреба е можна по пауза од неколку дена
Начин на употреба: Најнапред отстранете го заштитното капаче од спрејот. Пред првата употреба или ако спрејот не бил употребуван подолг период, притиснете ја главата на спрејот неколку пати се додека не се појави фин спреј. Внесете го врвот на спрејот, колку е можно поисправено, во едната носница и притиснете ја еднаш главата на спрејот. Нежно вдишувајте преку носот додека прскате. По потреба, повторете ја постапката и во другата носница. По секоја употреба избришете го врвот на спрејот со хартиено марамче и вратете го заштитното капаче.
Предупредување: Строго придржувајте се кон упатствата на лекарот. Дозите не смеете да ги менувате или лекувањето да го прекинете без да се посоветувате со лекар. Овој лек не треба да се употребува кај деца на возраст под 2 години.
Продолжена употреба на високи дози од овој лек, може да предизвика хроничен оток и можно истенчување (оштетување) на носната слузница.
Овој лек е наменет за деца на возраст од 2 до 6 години. За деца на возраст над 6 години, достапен е Септаназал за возрасни спреј за нос со повисоки дози од активните супстанции. Треба да ја надгледувате употребата на овој лек кај вашето дете. Доколку детето не се чувствува подобро или се чувствува полошо по 3 дена од лекувањето, ве молиме советувајте се со лекар.
Немојте да го земате септаназал за деца ако вашето дете е алергично на ксилометазолин хидрохлорид, декспантенол или на некоја од останатите состојки на лекот (наведени погоре), ако вашето дете има суво воспаление на носната слузница со формирани корички (ринитис сика), ако на вашето дете хируршки му била отстранета хипофизата или имало друга операција во која биле засегнати менингите (обвивката на мозокот).
Бидете особено внимателни со Септаназал за деца, разговарајте со вашиот лекар или фармацевт пред да започнете да го употребувате Септаназал за деца aко: вашето дете зема моноамино оксидаза инхибитори (МАОИ) или други лекови кои може да го покачат крвниот притисок, има покачен очен притисок (глауком), особено глауком со тесен агол, има некое тешко кардиоваскуларно заболување (на пример, коронарна срцева болест, висок крвен притисок, синдром на пролонгација на QT интервал), има тумор на надбубрежната жлезда (феохромоцитом), има метаболна болест (на пример, зголемена активност на штитната жлезда која се манифестира со зголемено потење, покачена телесна температура, срцево отчукување или ако вашето дете има шеќерна болест), има метаболно нарушување наречено порфирија, има зголемена простата.
Употреба при хроничен ринитис е можна само под медицински надзор поради опасност од атрофија на носната слузница.
Неправилна употреба или употреба на прекумерни количини од спрејот може да предизвика системски несакани дејства, особено кај децата.
Да се избегнува директен контакт на лекот со очите.
Ве молиме да го информирате вашиот лекар или фармацевт ако земате или ако неодамна сте земале било кој друг лек, дури и оние кои не се на лекарски рецепт.
Употребата на Септаназал за деца истовремено со некои лекови за третман на депресија (моноамино оксидаза инхибитори од транилципромински тип или трициклични антидепресиви), како и лекови кои го зголемуваат крвниот притисок, може да доведе до покачување на крвниот притисок поради кардиоваскуларните ефекти на овие супстанции.
Употребата на Септоназал за деца истовремено со некои други лекови за грип, кашлица и настинка, кои содржат симпатомиметици (лекови кои се употребуваат за третман на затнат нос, како псеудоефедрин, ефедрин, фенилефрин, оксиметазолин, ксилометазолин, трамазолин, нафазолин, туаминохептан). Истовремена употреба на овие лекови со Септаназал за деца може да го зголеми ризикот за појава на несакани дејства врз кардиоваскуларниот систем и централниот нервен систем.
Доколку вашето дете се лекувa со некој од гореспоменатите лекови, советувајте се со лекар пред да започнете со употреба на Септаназал за деца.
Ако сте земале поголема доза Септаназал за деца отколку што треба, можни се несакани дејства, затоа најдобро е да се посоветувате со лекар.
Ако сте заборавиле да го земете Септаназал за деца не земајте двојна доза за да ја надоместите пропуштената.
Септаназал за деца може да прекинете да го употребувате веднаш штом ќе немате повеќе потреба од него.
Начин на чување: Лекот чувајте го на места недостапни за деца. По првото отварање лекот може да се употребува уште 12 месеци.