МОМЕНТАЛНИ АКЦИИ

Услугата за достава е достапна на територијата на целата држава и истата е бесплатна со нарачка над 1.500 денари.

Имате можност за избор на термин за достава.

 

Рана менопауза и како да се живее со неа

Што е рана менопауза и во што се разликува од нормалната менопауза?

Раната менопауза настанува пред  биолошки вообичаената менопауза. За жена може да се каже дека е во менопауза кога менструацијата нема да се појави една година. Климаксот и неговите симптоми почнуваат околу 50-тата година од животот. Но во некои случаи климаксот може да се јави и порано. Неколку години порано е во ред, но 10 години порано не е во ред! Во тој случај се работи за рана менопауза! Рана менопауза е онаа која се јавува пред 40-тата година од животот.

.

Зошто се јавува раната менопауза?

Причините за рана менопауза може да бидат од генетска природа, а може да се јават како последица на некоја болест или медицинска процедура. Причините за рана менопауза може да се бараат и во следново:

  • Доколку сте биле подложени  на хемотерапија или радиотерапија
  • Доколку во семејството имате членови заболени од автоимуни заболувања како што е неправилна работа на штитната жлезда, лупус или Гравесова болест, ревматоиден артритис, или ако женските членови во вашето семејство минувале низ рана менопауза
  • Доколку имате проблем да забремените подолго време, можете да се сомневате во ран климакс
  • Доколку сте многу слаби и имате низок индекс на телесна маса. Ова е така зашто естрогенот се таложи во масните клетки, па ако нема воопшто масно ткиво, тој се троши и се создаваат поголеми шанси за рана менопауза
  • Доколку пушите премногу цигари. Многу цигари го намалуваат нивото на естроген, а намалениот естроген значи поголеми шанси за менопауза

Важно е да се напомене дека рана менопауза не е исто со перименопауза или предменопауза. Ова е период кога телото почнува да се подготвува за климакс. На пример, менструацијата може да биде нередовна, но не и да изостане комплетно.

Во менопауза нема менструација и тоа е тоа!

Симптоми на рана менопауза

Покрај физички, симптомите на рана менопауза вклучуваат и емотивни проблеми. Промените во расположението се предизвикани од хормонски флуктуации и оние познати непријатни симптоми кои се карактеристични за климакс, а тоа се топлотни бранови и ноќни препотувања. Првите симптоми на раната менопауза  се исти како симптомите на секоја перименопауза. Се јавуваат постепено, најчесто во 30-тите години од животот на жената. Тие вклучуваат нередовни менструации и менструации кои се полесни или пообилни од вообичаено. Ова е знак дека телото не произведува доволно естроген, што дополнително ги повлекува следниве симптоми:

  • Сувост на вагината
  • Посува кожа, коса и усни
  • Намалено либидо
  • Поспаност и замор
  • Намалена контрола врз мокрењето

 

Како да се дијагностицира рана менопауза?

Кога раната менопауза се јавува природно може да се дијагностицира низ разни хормонски тестови. Еден од нив е мерењето на нивото на FSH хормони и мерење на нивото на естрадиол кој е еден вид на облик на естроген. Високото ниво на FSH хормони (над 40) и ниското ниво на естрадиол (под 30) можат да бидат индикатори за рана менопауза. Вашиот лекар може да провери и ниво на антимилеров хормон, како и ниво на TSH хормонот на штитната жлезда. Доколку штитната жлезда не е доволно активна, симптомите кои се јавуваат кај жените можат да бидат слични на симптомите на менопауза.

Последици од рана менопауза

Покрај неплодноста и престанокот на менструално крвавење, треба да знаете дека раната менопауза и намалениот естроген можат да доведат до други бројни промени во телото на жената. Се зголемува ризикот од остеопороза, болести на непцата и забите, очни болести, а се смета дека се зголемува и ризикот од рак на јајници и рак на цревата. Зголемен е и ризикот од срцеви заболувања, депресија и деменција. Низ истите овие симптоми  поминуваат и жените кои се соочуваат со доцна, нормална менопауза.

Но, не е се така црно!

Рана менопауза и рак на дојка

Жените кои минуваат низ рана менопауза имаат помал ризик да заболат од рак на дојка за разлика од жените кои минуваат низ регуларен климакс. Овој тумор е осетлив на естроген, а жените во раната менопауза се помалку изложени на неговото дејство, па со тоа и помалце изложени на ризик.

 

Рана менопауза и како да се изборите со неа

Многу жени се прашуваат дали раната менопауза може да се прекине и да се врати во нормала менструалниот циклус. За жал одговорот е негативен во најголем број од случаите и единствено ви останува да најдете начин како да живеете со рана менопауза и со нејзините ризици и симптоми. Еден од начините е хормонска терапија со синтетички хормони на естроген која може да спречи многу непријатни симптоми од менопаузата. Одлична варијанта се и природните методи кои ги спречуваат симптомите како топлотни бранови, потење, лоша концентрација, лошо расположение и сл.