МОМЕНТАЛНИ АКЦИИ

Услугата за достава е достапна на територијата на целата држава и истата е бесплатна со нарачка над 1.500 денари.

Имате можност за избор на термин за достава.

 

Што значи ако имате замастен црн дроб?

Пишува:

Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска

интернист-нефролог

ПЗУ Зегин Интермедика

Dr. Maja

Замастен црн дроб (стееатоза) е честа состојба предизвикана од таложење на премногу маснотии во црниот дроб. Здрав црн дроб содржи мала количина на маснотии.

Има две форми: предизвикана од алкохол и непредизвикана од алкохол. Се смета дека половина од возрасните имаат замастен црн дроб.

Неалкохолната масна болест на црниот дроб е термин за низа состојби предизвикани од таложење маснотии во црниот дроб. Најчесто се забележува кај лица со прекумерна тежина. Во рана фаза не предизвикува никаква штета; во мал број на случаи може да напредува и да доведе до сериозно оштетување на црниот дроб. Високото ниво на маснотии во црниот дроб е поврзано со дијабетес, висок крвен притисок и бубрежна болест. Ако веќе имате дијабетес замастениот црн дроб го зголемува ризикот за развој на срцеви проблеми.

Се развива во 4 фази, повеќето лица се во првата фаза и без да знаат за тоа.

1. Едноставно замастување (стеатоза) – безопасно таложење на маснотии во клетките на црниот дроб.

2. Безалкохолен стеатохепатитис – посериозна форма, црниот дроб е воспален.

3. Фиброза – постојаното воспаление предизвикува лузни, фиброзно ткиво но црниот дроб сé уште функционира.

4. Цироза – најтешко и трајно оштетување по повеќегодишно воспаление, црниот дроб се собира поради лузните, не работи правилно, може да доведе до канцер на црниот дроб. Повеќе години може да поминат за да се развие фиброза или цироза.

Ризик фактори:

– прекумерна тежина или дебелина, особено многу маснотии околу половината (облик на тело “јаболко”)

– Тип 2 дијабетес

– Метаболен синдром

– Инсулинска резистенција

– Полицистичен оваријален синдром

– Намалена функција на тироидната жлезда

– Висок холестерол

– Висок крвен притисок

– пушење цигари

– возраст над 50 години

– лекови – амиодарон, дилтиазем, тамоксифен, стероиди

Симптоми во раните фази обично нема. Повремено може да се јави чувство на тежина, полност, нелагодност, упорна болка под ребрата десно, замор, слабост.

Ако се развие цироза се јавува пожолтување на кожата и белките на очите, чешање на кожата, оток на нозете, околу глуждовите, стапалата, стомакот.

Специфични лекови нема, фокусот е на факторите кои придонесуваат за состојбата.

Важно е да се направат промени во животниот стил за да се спречи влошување на состојбата:

– намалување на телесната тежина, губиток на 10% од тежината го намалува количеството на маснотии во црниот дроб

– здрава исхрана богата со овошје, зеленчук, белковини и сложени јаглехидрати; помалку шеќери и сол, помалку маснотии, помали порции на храна

– вода наместо благи безалкохолни пијалоци

– регуларна физичка активност

– престанок на пушење цигари

– намален внес или комплетен престанок на пиење алкохол

Црниот дроб има зачудувачка моќ за самоисцелување, ако се прекине со алкохол или се изгуби тежина, можно е да се намали замастеноста на црниот дроб и да се спречи понатамошно оштетување.