МОМЕНТАЛНИ АКЦИИ

Услугата за достава е достапна на територијата на целата држава и истата е бесплатна со нарачка над 1.500 денари.

Имате можност за избор на термин за достава.

 

Уживајте во есента заедно со вашите најмили

Современиот начин на живот е исполнет со бројни обврски и не остава многу слободно време кое родителите треба да го поминат со своите деца. Не можеме да го зголемиме денот, но можеме да се потрудиме  времето минато со децата да биде што поквалитетно.

Студените  денови ве ограничуваат на подолг престој во затворена просторија, иако во своите дневни активности треба да вметнете и прошетки без оглед на температурите и дождот. Секој дождлив ден има барем мал период кога дождот престанува, а што е послатко од шлапкање низ вирчиња. Дозволете изворот на детската радост да преовладее и обидете се да се присетите колку тоа вам ве радувало кога бевте деца. Исто така, дневните прошетки се одлични за вашето дете да го запознае подобро надворешниот свет и со тоа може многу да научи. Детската љубопитност и прашања ќе поттикнат разговори кои ќе го направат вашето време квалитетно.

За активности во домот, предлагаме неколку кои вклучуваат игри со есенски плодови.

  • Костени, желади, листови...

За помалите деца доволно ќе им биде да ги ставаат костените и желадите во кутија. На кутија од чевли исечете отвори низ кои ќе ги внесуваат плодовите.

За повозрасните деца, костените може да им бидат предмет за погодување на кош. Земете поголем сад кој ќе го употребувате како кош и менувајте ја далечината.

  • Јаболки, круши, тиква...

Есенското овошје освен што ќе послужи како оброк, може да биде и голем извор на знаење. Заедно со децата може да играте игра на препознавање на овошјата по мирис, вкус, допир. На детето ќе му ставите превез врз очите, а потоа ќе му кажете да го допре овошјето, да го помириса или да проба мало парче. Освен што оваа игра е многу забавна, таа е и одличен начин за развивање на сетилата.

Со тиквата можете со ваша помош да му овозможите на детето да направи украси за Ноќта на вештерките. Оваа активност може да биде многу позабавна доколку на децата им раскажете некоја приказна за добри и лоши вештерки.

Пита од тиква или колач од јаболка- голема радост за децата кои со своите раце ќе месат, преливаат, мешаат дел од намирниците.

Уживајте во декорациите и десертите кои ги подготвивте со вашите најмили и во нивните насмевки.