Здравата уста е здраво тело
Секоја година на 20 Март светот се обединува за подигнување на свесноста за важноста на оралното здравје. Оралните болести ги погодуваат не само поединците, туку и здравствените системи и економии насекаде во светот. Целта на Светскиот ден на оралното здравје е да ги наоружа луѓето со знаење, алатки и доверба за добро орално здравје.
Оралните болести се главна здравствена грижа во многу земји и имаат негативно влијание врз квалитетот на живот. Оралните болести водат кон болка и непријатност, социјална изолација, намалена самодоверба и останати сериозни здравствени проблеми. Но нема потреба за грижа - најголемиот дел од оралните состојби можат да се превенираат и да се третираат во рана фаза.
Правилната орална нега е есенцијална за здрави заби и непца, а таа вклучува секојдневно четкање на забите и редовни посети на стоматолог. Само на тој начин ќе имате здрава и убава насмевка и добро орално здравје. Еве неколку совети за правилна орална нега уште од најмала возраст:
1. Започнете рано и бидете конзистентни:
- За бебиња - исчистете ги непцата со мека, влажна крпа по секое хранење за да ги отстраните остатоците од храна
- Откако ќе се појави првото запче започнете со четкање на запчињата со детска четка за заби и соодветна паста за заби
- За деца и возрасни - четкајте ги забите најмалку два пати дневно со соодветна паста за заби.
Воспоставената рутина уште од најрана возраст ја прави оралната нега навика
2. Користете соодветна техника
- За бебиња - користете нежни, кружни движења за да ги исчистите непцата и запчињата
- За деца и возрасни - користете соодветни пасти за заби
- Научете ги децата правилно да ги четкаат забите за да не дојде до оштетување на непцата или глеѓта
3. Ограничете го внесот на шеќер
- Минимизирајте ги слатките задоволства и засладените пијалаци, бидејќи тие придонесуваат за развој на кариес
- Наместо засладени пијалоци, консумирајте вода
- За бебиња - избегнувајте да заспиваат со шише кое содржи било што освен вода
4. Редовно посетувајте стоматолог
Посетата на стоматолог треба да биде редовна и тоа се однесува на целото семејство.
5. Применувајте здрави навики и избегнувајте ги лошите
- Применувајте здрави навики како консумирање на вода, балансирана и здрава храна богата со свежо овошје и зеленчук
- Одбегнувајте навики како цицање на прст или долга употреба на цуцла, бидејќи тие можат да влиајат врз развојот на оралното здравје
- Внимавајте на лошите навики како грицкање на нокти или отворање на разни пакувања со помош на забите, бидејќи на тој начин можете да ги оштетите забите и непцата
Секое чувство на непријатност во оралната сфера може да биде ублажено со соодветни производи како што се геловите за орална нега.
Запомнете, одржувањето на добра орална хигиена е клучот за добро здравје и благосостојба во секоја фаза од животот. Создавањето навики од најрана возраст може да помогне да се спречат стоматолошките проблеми, а со тоа да ги задржите здравите и блескави насмевки што е можно подолго.