REPLEK Парафен 10 филм - обложени таблети
Опис на производот
Replek Парафен е лек.
- Содржи две активни супстанции: ибупрофен и парацетамол:
- Ибупрофен припаѓа на групата на лекови таканаречени нестероидни антиинфламаторни лекови (НСАИЛ)
- НСАИЛ делуваат така што ја ублажуваат болката, го намалуваат отокот и ја намалуваат високата телесна температура
-
Парацетамолот е аналгетик, кој во ублажување на болката и намалување на телесната температура, делува на начин различен од ибупрофенот
- Ибупрофен припаѓа на групата на лекови таканаречени нестероидни антиинфламаторни лекови (НСАИЛ)
-
Парафен се применува за привремено ублажување на блага до умерена болка поврзана со мигрена, главоболка, болки во грбот, менструална болка, дентална болка, ревматски и мускулни болки, болка при благ облик на артритис, симптоми на настинка и грип, болки во грлото и треска
Пакување: 10 таблети.
Содржина
Состав: 1 филм-обложена таблета содржи 200 мг ибупрофен и 500 мг парацетамол.
Помошни супстанции: пченкарен скроб, лактоза монохидрат, повидон, микрокристална целулоза, коповидон, хидроксипропилцелулоза, кроскармелоза натриум, силициум диоксид колоиден безводен, магнезиум стеарат.
Филм обвивка: хипромелоза, титан диоксид, талк, макрогол.
Употреба: парафен е наменет за перорална примена и краткотрајна употреба. Треба да се применува најмалата ефективна доза дадена во најкраток временски период, потребна за ублажување на симптомите. Ако имате инфекција, консултирајте се со лекар без одложување доколку симптомите (како треска и болка) продолжат или се влошат. Парафен не треба да го земате подолго од 3 дена. Ако симптомите Ви се влошат или се уште траат, консултирајте се со Вашиот лекар.
Земете 1 таблета со вода и храна, до 3 пати дневно. Растојанието помеѓу дозите треба да биде најмалку 6 часа.
Ако примената на една таблета не е доволна за контрола на симптомите, максимум по две таблети може да се земат до три пати на ден. Растојанието помеѓу дозите треба да е најмалку шест часа. Не земајте повеќе од шест таблети во тек на 24 часа (еднакво на 3000 мг парацетамол и 1200 мг ибупрофен дневно).
Предупредување: Немојте да го употребувате Парафен: ако веќе земате други лекови кои содржат парацетамол, ако земате други лекови за ублажување на болка вклучувајќи ибупрофен, високи дози на ацетилсалицилна киселина (дози над 75 мг дневно) или други нестероидни антиинфламаторни лекови, вклучувајќи и циклооксигеназа-2 (COX-2) селективни инхибитори, ако сте алергични на ибупрофен, парацетамол или било која состојка на лекот, ако сте алергични на ацетилсалицилна киселина или други НСАИЛ против болка, ако имате или во минатото сте имале улкус (чир) или крварење во желудникот или дуоденумот (дванаестпалченото црево), ако имате нарушување во згрутчувањето (коагулацијата) на крвта, ако страдате од срцева, црнодробна или бубрежна слабост, ако сте во последните 3 месеци од бременоста, ако сте под 18 годишна возраст.
Бидете посебно внимателни со Парафен: ако сте во постара возраст, ако имате астма или сте имале астма, ако имате проблеми со бубрезите, срцето, црниот дроб или цревата, ако имате Системски Лупус Еритематозус (СЛЕ) – состојба на имунолошкиот систем која го зафаќа сврзното ткиво, што резултира со болки во зглобовите, кожни промени и нарушување на други органи или имате мешано заболување на сврзното ткиво, ако имате гастроинтестинално заболување или хронична воспалителна болест на цревата (пример улцеративен колитис, Crohn-ова болест), ако сте во првите 6 месеци од бременоста или сте во период на доење, ако планирате да забремените, ако имате инфекција (Овој лек може да ги прикрие знаците на инфекција, како што се треска и болка. Затоа, можно е лекот да го одложи соодветниот третман на инфекцијата, што може да доведе до зголемен ризик од компликации. Ова е забележано кај пневмонија предизвикана од бактерии и бактериски инфекции на кожата поврзани со овчи сипаници. Ако го земате овој лек додека имате инфекција и симптомите на инфекцијата траат или се влошат, консултирајте се со лекар без одложување)
Кожни реакции: Пријавени се сериозни реакции на кожата поврзани со примената на овој лек. Престанете да го земате лекот и веднаш побарајте лекарска помош доколку Ви се јави исип на кожата, лезии на мукозните мембрани, меури или други знаци на алергија, бидејќи тоа може да бидат првите знаци на многу сериозна реакција на кожата.
Антиинфламаторните лекови/лековите за ублажување на болка како што е ибупрофен, може да бидат поврзани со мало зголемување на ризикот од срцев или мозочен удар, особено кога се употребуваат високи дози. Не ги надминувајте препорачаните дози или времетраењето на третманот.
Треба да се посоветувате со Вашиот лекар или фармацевт дали да земате Парафен, доколку: имате проблеми со срцето вклучувајќи срцева слабост, ангина (градна болка) или претходно сте имале срцев удар, bypass операција, периферна артериска болест (слаба циркулација во нозете и стапалата како резултат на стеснати или блокирани артерии), или било каков вид на мозочен удар (вклучувајќи “мал-мозочен удар” или минлив исхемичен напад), имате висок крвен притисок, шеќерна болест, висок холестерол, имате фамилијарна историја за срцева болест или мозочен удар или сте пушач
За да се намали веројатноста за појава на несакани дејства, Парафен земајте го со храна.
Советувајте се со Вашиот лекар или фармацевт пред да земете било каков лек доколку сте бремени. Кажете му на Вашиот лекар ако сте бремени (или мислите дека можеби сте бремени). Лекот не треба да го употребувате ако сте во последните 3 месеци од бременоста. Бидете посебно внимателни, ако сте во првите 6 месеци од бременоста. Парафен може да го отежне забременувањето. Ибупрофен припаѓа на групата на лекови кои може да ја нарушат плодноста кај жените. Ефектот е привремен и исчезнува по прекин на третманот со лекот. Треба да го информирате лекарот доколку планирате бременост или имате потешкотии да забремените.
Советувајте се со Вашиот лекар или фармацевт пред да земете било каков лек доколку доите.
Парафен филм-обложените таблети содржат лактоза. Ако ви е кажано од Вашиот лекар дека не поднесувате некои шеќери, пред да го употребите овој лек контактирајте го лекарот.
Ве молиме да имате во предвид дека овие укажувања можат да се однесуваат и на оние производи што сте ги земале во минатото или ќе ги земате во иднина. Ве молиме да го информирате Вашиот лекар или фармацевт ако земате, или ако неодамна сте земале било кој друг лек, дури и оние кои не се на лекарски рецепт.
Не земајте го Парафен со: Други лекови кои содржат парацетамол или други НСАИЛ како ацетилсалицилна киселина, ибупрофен.
Парафен може да влијае врз некои лекови или некои лекови може да влијаат врз Парафен. Затоа, секогаш треба да се советувате со Вашиот лекар или фармацевт пред да го употребувате овој лек со други лекови. На пример: кортикостероиди; антибиотици (пример хлорамфеникол или хинолони); флуклоксацилин (антибиотик), поради сериозен ризик од абнормалности на крвта и течностите (метаболна ацидоза со висока анјонска празнина) за што е потребен итен третман и кои може да се појават особено во случај на тешко бубрежно оштетување, сепса (кога бактериите и нивните токсини циркулираат во крвта што доведува до оштетување на органите), неухранетост, хроничен алкохолизам и ако се употребени максимални дневни дози на парацетамол; лекови против повраќање (пример метоклопрамид, домперидон); антикоагулантни лекови (кои ја разретчуваат крвта или го спречуваат згрутчувањето на крвта, пример ацетилсалицилна киселина, варфарин, тиклопидин); срцеви стимуланси (пример гликозиди); лекови за третман на висок холестерол (пример холестирамин); диуретици (лекови кои го зголемуваат мокрењето); лекови за намалување на висок крвен притисок (АКЕ инхибитори како каптоприл, бета блокатори како атенолол, антагонисти на ангиотензин II рецепторите како лосартан); лекови кои го потиснуваат имунолошкиот систем (пример метотрексат, циклоспорин, такролимус); лекови за третман на манија или депресија (пример литиум или инхибитори на повторното превземање на серотонин); мифепристон (за прекинување на бременост); лекови за третман на ХИВ (пример зидовудин).
Ако имате впечаток дека ефектот на Парафен е премногу силен или премногу слаб, посоветувајте се со Вашиот лекар или фармацевт.
Ако сте земале повеќе од лекот отколку што треба, или ако деца го земале овој лек случајно, секогаш контактирајте со лекар или најблиската болница за да добиете мислење за ризикот и совет за активностите што треба да се преземат.
Ако сте заборавиле да земете Парафен не земајте наеднаш двојна доза за да ја надоместите пропуштената доза. Ако сте испуштиле или заборавиле да го испиете лекот, земете го веднаш штом се сетите и потоа следната доза земете ја на расојание од 6 часа.
Да се чува на температура до 25°C. Да се чува во оригинално пакување. Лекот чувајте го на места недостапни за деца.